Една од најважните и најголемите организации што работат на зачувување на растенијата претставува Plantlife International*. На иницијатива на оваа организација, во 2002-2003 година на Балканот за прв пат се спроведуваат проекти за идентификација на Значајни растителни подрачја, меѓу кои и во Македонија.
Значајните растителни подрачја (ЗРП) претставуваат најзначајни места во светот за разнообразието на диворастечките растенија. Во една држава можат да бидат назначени преку присуството на значајни растителни видови или живеалишта на определен простор. Секако, дополнителни критериуми треба да бидат валоризирани преку спроведување на научни истражувања во овие подрачја како и методи за проценка.
Во Македонија се идентификувани вкупно 42 потенцијални значајни растителни подрачја кои се одликуваат со голема флористичка вредност и ги исполнуваат потребните критериуми за ЗРП. Некои од нив покриваат поголеми површини, додека некои се со мали површини. Вкупната површина на сите ЗРП во Македонија изнесува 459,425 ha, што претставува 17,9% од вкупната територија на земјата. Целосно или дел од 13 ЗРП (31%) се наоѓаат во заштитени подрачја во Македонија.