Територијата на Македонија изобилува со лековити, зачински и ароматични растенија кои наоѓаат примена во секојдневниот живот на населението. Македонската традиција на користење на различни растенија, како чаеви, мелеми и додатоци во храната е многу богата. Овие знаења за лековитите растенија во минатото биле пренесувани усно во рамките на семејствата. Денес, модерната фармација и технологија располага со научни факти и сознанија за лековитите растенија кои што успешно ги применува во изработката на лекови и лековити препарати. Лековитите материи добиени од растенијата можат да потекнуваат од различни делови на растението, вклучувајќи ги листовите, корените, кората, плодовите, семињата, цветовите. Ботаничката градина повикувајќи се на националната традиција одгледа и одбра неколку лековити растенија кои успешно ги спои во конечен производ – Микс чај Ботаничка градина. Растенијата кои што се дел од Микс чајот
(ајдучка трева, маточина, кантарион и мајчина душица) се одгледани на органски начин во посебно определен простор во ботаничката градина.
Дегустаторите на Микс чајот го истакнаа горкиот вкус на ајдучката трева, пријатната арома на мајчината душица и кантарионот, но и смирувачката и освежителна нота од маточината. Овој наш извонреден Микс чај го препорачуваме како секојдневен топол напиток, особено во доцните есенски и зимски месеци.
Автор: Мартин Трпевски, лаборант на институтот за биологија
