Питомото нане е лековито растение со четириаголно стебло, високо до 80 cm. Од повеќегодишните подземни делови на ова растение се развиваат голем број млади изданоци со кои брзо и лесно се размножува. Младите гранчиња се најчесто црвенкастo обоени. Се одгледува како култивирано растение, меѓутоа, може да се сретне како диворастечко растение покрај каналски системи и по влажни ливади. Поради интензивното одгледување распространето е во најразлични делови на светот, особено во Европа, Северна и Јужна Америка. Питомото нане содржи етерично масло кое наоѓа примена како во народната медицина, така и во фармакологијата и козметиката.